Чек-листа за опрашување домати

Чек-листа за опрашување домати

Бумбарите се идеални за опрашување на културите домати. Чек-листата за опрашување на Koppert покажува како може да се постигнат најдобри резултати од опрашувањето. 

Во текот на опрашувањето, бумбарите го загризуваат и вибрираат цветот. Ова е познато како бззз опрашување. Отпечатоците од вилицата на бубарот на цветот (белези од загриз) стануваат кафеави во рок од еден до четири часа и овозможуваат да се провери работата на бумбарите. Една посета доведува до пренос на доволно полен за опрашување. Формирањето на плодот се случува откако цветот бил опрашен. 

Цветот треба да биде опрашен пред да се затвори. Во зависност од условите, цветот ќе остане отворен еден до три дена. За да го проверите опрашувањето, соберете околу 20 затворени цветови од различни места. Сите затворени цветови мора да имаат белези од загриз. Затворените цветови даваат прецизна слика на состојбата. Цветовите што се отворени подолго од еден ден имаат помеѓу еден и пет белези од загриз

Проверувајте ја работата на бумбарите најмалку еднаш секои два дена. Воведете нова кошница со бумбари штом бројот на белези од загриз опаднал само на еден или два по цвет.

Поленот најдобро се ослободува при релативна влажност (РВ) помеѓу 50% и 80%. Релативната влажност поголема од 80%-85% ќе предизвика поленот да не се ослободи и бумбарите ќе станат неактивни. Под 50% РВ, капацитетот на никнување на поленост се намалува, доведувајќи до проблеми со формирањето на плодот. Бумбарите сѐ уште ќе собираат полен и ќе оставаат белези од загриз, но нема да расте плод.

Бумбарите се активни на температури помеѓу 8 и 32 степени Целзиусови. Нивното оптимално ниво на активност е на температури помеѓу 8 и 28 степени Целзиусови. На температури помеѓу 28 и 32 степени Целзиусови нивното ниво на активност постепено опаѓа. На повисоки температури, бумбарите престануваат да летаат. Од тој момент, бумбарите ќе се ангажираат за ладење на кошницата се додека температурата повторно не опадне под 32 степени Целзиусови. 

Здрава култура и присуството на доволно здрави цветови ја формира основата за добро опрашување. Различни фактори може да го нарушат здравјето на растението па така и да го намалат бројот на здрави цветови. Можните ризици вклучуваат недостаток на вода, небалансирана исхрана, влијанието на вируси, болести на растението, наезди на штетници, недоволен или екстремен раст, екстремни климатски услови и влијанието на хемикалиите врз растенијата или цветовите.

Бумбарите одржуваат константна температура во кошницата. Ако температурата на која се изложени е превисока долг период, може да настане штета кај кошницата и колонијата. Затоа треба да ја поставите кошницата со бумбари на најладното место или барем под сенка, особено во текот на најтоплиот дел од денот. Погрижете се кошницата да добива сончева светлина во текот на темниот, зимски период. Сенка може да се обезбеди од културата, сандак или со други начини на затскривање. Во текот на периоди со екстремни температури, ќе бидат потребни дополнителни мерки како што е активно ладење.

  • Поставете ја кошницата така што ќе биде лесно видлива и за бумбарите и за луѓето.
  • Уверете се дека кошницата е во хоризонтална положба
  • Заштитете ја кошницата од кондензација и дождовница

Не сите хемиски средства може да се комбинираат со бумбарите. Проверете го списокот на несакани дејства од пестициди,од брошура, преку интернет, или консултирајте советник.

Пожелно е да не поставувате повеќе од три кошници заедно. Уверете се дека излезите на кошниците се свртени во различни насоки, но не кон културата.